Дембеле во потрага по нови предизвици

Француската репрезентативка во редовите на ЖРК Вардар, Сираба Дембеле на крајот на оваа сезона ќе ги напушти црвено-црните- беше соопштено на официјалниот сајт на македонскиот женски ракометен шампион.

Клубот бил задоволен од игрите на Дембеле и како резултат на тоа и понудил продолжување на соработката, но французинката ја одбила понудата со обрзложение дека сака нови предизвици и промена на средината.

„И покрај нашите намери да ја задржиме во клубот, задоволни од досегашните нејзини настапи, Дембеле изрази желба да замине. Ние ја почитуваме нејзината волја, и и посакуваме многу среќа во нејзината кариера. Таа е пример за професионален играч кој максимално се посветува на обврските и дава се од себе за постигнување на добри резултати. Задоволство е секогаш да се работи со такви играчи“-изјави директорот на Вардар, Давор Стојановски.

Дембеле пристигна во Вардар во 2013 година, и со македонскиот шампион на двапати стигнуваше до завршницата на најквалитетното ракометно натпреварување освојувајки го третото место. Минатата сезона Дембеле беше избрана и во најдобрата седморка на Лигата на шампионите.