Делегирани судиите за последните натпревари од главната фаза

Пристигна и последниот ден од главната фаза во Краков и Вроцлав, за дел од репрезентациите значи достојно збогување од турнирот,  а за останатите борба за полуфинале. Веќе ниту теорија не ги носи Хрватите на завршницата од Европското првенство, но затоа ќе се обидат да дојдат до борба за петтото место. Од друга страна Франција, Норвешка или Полска ќе играат во полуфиналето. Македонија и Белорусија во својот меѓусебен дуел ќе се потрудат со победа да остават добар впечаток на овој турнир, и да го избегнат дното на табелата.

Слична е состојбата и во Вроцлав, каде Данска, Германија и Шпанија ќе се борат за полуфиналето, а Шведска и Русија за место меѓу петте најдобри, Унгарија останува закована на дното на табелата со 0 бодови.

ЕХФ утринава ги соопшти двојките кои ќе ја делат правдата на последните дуели од главната рунда. Мечот меѓу Македонија и Белорусија ќе го судат Литванците, Столаровс и Лицис, делегат ќе биде поранешниот главен и одговорен  човек за делегирање на судиите при ЕХФ, Шандор Андорка, а натпреварот ќе го надгледува гркот Мигас.

На Германците Гејпел и Хелбиг им припадна одговорната задача да го судат натпреварот за директен пласман во полуфиналето меѓу Франција и Норвешка, а во вечерниот термин првдата на дуелот меѓу Хрватска и Полска ќе ја делат Данците, Хансен и Гјединг.

Во Вроцлав, на првиот меч меѓу Шведска и Унгарија ќе судат Романците Старк и Стефан, за место во полуфиналето на дуелот меѓу Германија и Данска правдата ќе ја делат Хорачек и Новотни, а натпреварот меѓу Шпанија и Русија ќе го судат Хрватите Губица и Милошевиќ.

Македонскиот судиски пар Начевски и Николов, ќе бидат дел од шестте резервни судиски парови, а делегирани се за мечот меѓу Шпанија и Русија.