Дебитираше на 33 години, а ја одведе Хрватска на Олимписки игри!

Интересна е судбината на професионалните спортисти. Хрватскиот голман Иван Стевановиќ до својата 33 година чекаше на своето деби во Хрватскиот национален тим, а добиената шанса ја искористи на максимален начин. Името на популарниот “Стиви” хрватите почнаа да го скандираат во јануари на ЕП во Полска, каде беше потпора на Мирко Алиловиќ меѓу стативите. Вистинската кулминација се случи на штотуку завршените квалификации за пласман на Олимписките Игри во Рио, каде Стевановиќ имаше импресивен настап против Норвешка водејки ја својата репрезентација на најголемиот спортски собир.

Добро го отворивме натпреварот во одбрана, јас одбранив се што морав и нешто што не морав, и тоа излезе одлично за нас.Поведовме со 5-0 и 6-1, со што натпреварот заврши уште пред да започне. Имаше моменти кога сакав да го оставам ракометот, но издржав, среќата ме посака а и успеав да ги избегнам повредите, па ете сега сум тука.

Во однос на престојниот Олимписки турнир во РИО, Стевановиќ е оптимист и најавува борба за медал со својата репрезентација.

Ќе видиме, има уште доста време до почетокот на Олимпијадата. Остануваат уште два месеца до почетокот на подготовките, ние треба да останеме здрави, да одиграме добар турнир и се надевам дека ќе се вмешаме во борбата за медал.

На клупски план, Стевановиќ и ППД Загреб веќе направија големо изненадување во осминафиналето на Лигата на шампионите каде го елиминираа составот на Рајн Некар Левен. Во четвртфиналето за противник го имаат ѕвездениот состав на ПСЖ.

Тие се веројатно екипа која има најголем број светски ѕвезди, и секако дека ќе ни биде многу тешко. На домашен терен покажавме дека можеме да се носиме со нив кога изгубивме само два разлика. Се надевам дека во Арена ќе пружиме една добра партија.

– го заврши херојот на Хрватите краткото интервју за Индекс.хр