Дебакл за Хрватска на почетокот на ОИ: Катар го започна походот кон нова сензација

Во првиот натпревар од машкиот дел на олимпискиот турнир во ракомет, Хрватска и Катар ги одмерија силите во спорскиот комплекс „Арена на иднината“. Светскиот вицепрвак Катар доминираше во текот на целиот натпревар и на крај заслужено ги освои првите бодови во Рио.

Бројните странци во составот на азијскиот првак ги оправдаа високите финансиски средства кои им ги обезбеди катарската федерација. Така Капоте со првите два гола на натпреварот обезбеди солидна предност за својата селекција, а Шариќ со фантастичните одбрани само им го олесни патот на Катарците кон првата победа. Немоќни беа „каубоите“ особено во моментите кога се кршеше резултатот во финишот на првиот дел. Се менуваа Штрлек, Хорват, Дувњак, Чупиќ на линијата од седум метри, но магичната мрежа на Шариќ речиси да не можеше да се пробие. На спротивната страна селекторот Ривера одлично ги анализирал Хрватите, конфузната одбрана на Бабиќ многу чест допушташе некој од катарските ракометари да заврши на линијата од шест метри, а опасноста од надворешните позиции ја одржуваа Капоте и Марковиќ. Разликата постојано се зголемуваше, а со звукот на сирената Катарците дојдоа до најголемата предност во првиот дел за конечни 8-15.

Како започна Капоте така во вториот дел продолжи Марковиќ. На голот во вториот дел Шариќ го менуваше Стојановиќ, но разликата продолжи да расте. Во 33-та минута Хрватите имаа огромни десет голови негатива 8-18. Разликата полека започна да се топи, Мамиќ имаше шанса да ја преполови разликата на пет, но одбраната на Стојановиќ и топовскиот удар на Капоте во следната акција ги одведе катарските ракометари на безбедни седум погодоци разлика во 43-та минута. Тоа беше клучниот момент во натпреварот, бидејќи во продолжение разликата се одржуваше на високи седум до самиот крај, Катар во последните 10 минути од натпреварот повторно го достигна највисокото водство, а кога веќе беше познат победникот на овој дуел, Катарците си дозволија и по некоја атракција за конечни 23-30.

Селекторите на двете екипи премиерно на олимпискиот турнир го применија изменетото правилото за играч повеќе во напад на сметка на голманот (без маркер), а во клучните моменти од првиот дел Бабиќ очајнички се обиде и со седум играчи во напад да и парира на одбаната на противникот, потег кој во неколку наврати се покажа како успешен.

Најпрецизен во составот на Катар беше Марковиќ со 10 голови, Капоте постигна 6, додека Алрајес ги следеше со пет. Во поразениот тим најрасположен беше Штрлек со пет, а Степанчиќ постигна четири погодоци.

Во следното коло, за два дена ќе видиме реприза на финалето од Светското првенство, дуел меѓу Франција и Катар кој ќе даде појасна слика за амбицијата на катарската селекција(14:30). Хрватска својата прва победа ќе ја бара против Аргентина (02:50)