Две екс вардарки до европска титула: Пенезиќ и Хмирова со Шиофок го освоија Купот на ЕХФ

Екипата на Шиофок стана нов првак во Купот на ЕХФ. По двата финални натпревари, тимот од Унгарија беше подобар од данскиот Есбјерг совладувајќи го со 26:21 пред своите навивачи. Првата средба одиграна во Данска заврши нерешено, 21:21.

Есбјерг е силен противник, но откако не успеа да ја реши задачата на свој терен мораше да ја бара славата на жешкиот терен во Шиофок. Тука застана на голема пречка бидејќи домашните ракометарки цврсто чекореа кон победата, а беа предводени од поранешната вардарка, Андреа Пенезиќ. Само Естел Нзе Минко беше подобра со седум гола.

Средбата доликуваше на едно финале само во почетните петнаесетина минути во кои и двата тима успеваа резултатот да го држат изедначен (8:8). Во следните 13 минути, Шиофок главно преку добрата одбрана, направи серија од 6:2 и полувремето го доби со 14:10.

Тука не беше крајот за Есбјерг кој се обиде да се врати во вториот дел, но безуспешно. Во 38. минута дојде на минус два, и во моментите кога требаше комплетно да се врати во игра доживеа нова серија на шест примени голови без да даде ни еден за огромни плус осум за Шиофок на само 14 минути до крајот.

Оваа предност ја разреши и дилемата за победникот. Шиофок прв пат во својата историја го освои Купот на ЕХФ. За Есбјерг ова беше исто така прво финале во ова натпреварување, а за трофеј ќе почека до некоја друга сезона.