Два тешки удари одеднаш: Ги скина лигаментите, а нема клуб за следната сезона

Еден од двата можни противници за Вардар во четвртфиналето од Лигата на шампионите, Висла Плоцк остана без важен ракометар за реваншот против ПИК Сегед. Репрезентативецот на БиХ, Марко Тарабокија, се повреди на средбата против Погон Шчечин и за него оваа сезона е веќе завршена.

Докторите утврдија дека се работи за повреда на вкрстените лигаменти на коленото поради што ќе мора до крајот на оваа седмица да биде подложен на хируршка интервенција. Паузата ќе биде сигурно најмалку шест месеци што значи дека ќе може да се врати на терените некаде во октомври.

Проблемот за него е уште поголем бидејќи неговиот договор со Висла Плоцк завршува на крајот од оваа сезона, а од клубот информираа и претходно дека нема да ја продолжат соработката. Воедно Тарабокија уште нема нов клуб што значи дека за неговата иднина ќе се знае дури откако ќе се врати на терените.