Даскаловски и следната сезона ќе го брани голот на Темишвар

Македонскиот репрезентативен голман Златко Даскаловски и во наредната сезона ќе го брани голот на романскиот Темишвар. Тој веќе три сезони со успех настапува во овој тим, а ланската сезона играше и во Купот на ЕХФ. Романските медиуми шпекулираат со финансиски проблеми за Темишвар, но Даскаловски го демантира тоа.

„И нареднава сезона ќе настапувам за Темишвар. Имам валиден договор уште оваа година. Подготовките ги почнуваме на 20 јули. Со финансиите сега е стабилно, нема никакви проблеми и примањата се редовни.“ – вели Даскаловски за 24Ракомет.

Тимот предводен од црногорскиот стратег Перо Милошевиќ минатата сезона не го повтори претходниот успех и заврши само на шестото место, со што не обезбеди пласман во европските купови. Но Милошевиќ, веќе договори и неколку нови засилувања од Балканот, а тоа се ракометарот кој беше интересен и за Металург, Милош Орбовиќ, како и довчерашниот член на ЧСМ Букурешт, Крсто Милошевиќ.