Данска и врати со камата на Црна Гора!

Репрезентацијата на Данска не ја повтори грешката од првиот дуел со Црна Гора. Овој пат на домашен терен беше убедлива и им врати на Црногорците за поразот пред три дена победувајќи со 37:26.

Со многу поквалитетна игра во сите сегменти Данска без проблеми ја совлада Црна Гора. На голот на домаќините Ландин и Грин беа одлични и вистински инспиратори на својот тим. Данска во рана фаза од натпреварот направи солидна предност од 7:2. Црногорците имаа многу проблеми да ја погодат мрежата на Данците, па стигнаа на заостанување од седум гола, 13:6. До одморот Црна Гора намали на 14:11 резултат со кој екипите заминаа на одмор.

Данска го почна подобро и второто полувреме и се одлепи на безбедна предност која ја одржуваше во текот на целото второ полувреме. Црна Гора немаше одговор на играта на Данска и не најде сили да го повтори изданието од Морача. На крајот мораа да се помират со поразот од денеска подобриот противник.

Со оваа победа Данска се врати на првата позиција во групата 8 со шест бодови колку што има и Украина. Црна Гора останува на 3. позиција со три бода и до крајот на квалификациите ќе има голема битка за пласман на Европското првенство.