Од минус четири, до плус четири: Данска во вториот дел ја среди Чешка, без пораз оди во главната фаза

Данска славеше над Чешка со 33:29 во рамките на третото коло од Групата Ц на Европското Првенство во Шведска и без пораз се пласираше во главната фаза, каде ќе пренесе 4 бодови. Скандинавките отпорот на незгодната селекција на Чешка го скршија во вториот дел и надоместија минус четири од првото полувреме.

Чешка отвори со водство од 3:0, со головите на ракометарките на Ѓер, односно Турингер, Јана Кнедликова и Ивета Лузумова. Скандинавската селекција првиот гол го постигна дури во 6 минута преку Јенсен. Беше и 6:3, 7:4 за Чешка, а нивната предност порасна и на плус 4, 11:7 со голот на Стелнерова во 19 минута. Подоцна беше и 12:8, а до крајот на полувремето се играше гол за гол, 17:13.

Во вториот дел не се променија нештата, барем не до 40 минута кога Чешка водеше со 21:18. Оттогаш Данска направи серија од три голови за 21:21, а потоа беше и 22:22, како и 23:23. Во 47 минута за првпат на овој дуел Данска поведе со 24:23, а во 50 минута веќе беше 27:23, водство што не беше испуштено од скандинавките до крајот на мечот што заврши 33:29.

Најдобра во победничкиот состав беше Стине Јоргенсен со 9 голови, а 6 даде Хансен, додека кај селекцијата на Чешка, која ќе пренесе два бода во главната фаза, се истакна Петра Ручкова со 7 голови.