Данило Брестовац: Со нетрпение ја очекуваме паузата после дуелот со Татран

Тренерот на Металург, Данило Брестовац пред натпреварот против Татран Прешов очекува момците да покажат добра игра, но е задоволен што конечно завршува овој дел од сезоната во кој „металурзите“ немаат победа.

„Ова е последен натпревар од овој прв циклус пред паузата. Ја очекуваме оваа пауза со нетрпение бидејќи сме влезени во лош ритам. Играњето на овие средби паралелно во Лигата на шампионите и во СЕХА-лигата како да земаат замав и изгледаме уморно и исцрпено особено на левата страна каде што се Халил и Марио кои се единствените што можат да држат висок ритам. Се надевам дека ќе го имаме и Шпенде веќе в сабота, кој ќе ни помогне. Имаме малку време за тренинзи пред Татран. Ќе имаме две сеанси на видео и посакувам во што подобро светло да се покажеме в сабота. Се надевам дека ќе покажеме дека сме на вистинскиот пат. Татран е поквалитетен состав и подобар во однос на Железничар. Покажавме одредени квалитети и се надевам дека на следниот меч ќе покажеме дека сме подобри отколку на претходниот дуел“, изјави Брестовац на пресот пред дуелот против Татран.

Средбата со Татран се игра в сабота од 20:15 часот во „Борис Трајковски“, а потоа следува пауза од натпревари и во СЕХА и во ЛШ до почетокот на ноември.