Данило Брестовац: Комплетни сме и со паметна игра можеме до успех против Бешикташ

Откако стартот на сезоната беше поминат без неколку ракометари кои поради повреда мораа да пропуштат дел од средбите и поголемиот дел од тренинзите, екипата на Металург во последните неколку дена работеше во комплетен состав.

Тренерот Данило Брестовац конечно можеше да работи во комплетен состав така што сега се очекува да се види и најдоброто од тимот на средбата против Бешикташ в недела.

„Среќен сум што конечно работиме комплетно. Од денеска ќе работиме повеќе и на тактички план. Очекувањата од оваа средба се да се обидеме да победиме и да покажеме добар натпревар, но не само 30 минути туку во полн ритам во сите 60 минути. Имаме и ротација и ќе можеме дел од играчите да ги одмораме и да бидеме посвежи во моментите кога се ‘крши’ резултатот. Анализите покажаа дека падот на претходните средби бил поради немање ротација. Имаме ситни повреди, но тие нема да бидат проблем. Со помош на публиката, со умна игра во напад и со трпеливост можеме да направиме добар резултат“, коментираше пред натпреварот тренерот на Металург, Данило Брестовац.

Овој натпревар е закажан за в недела од 17 часот, а се игра во салата во СЦ „Борис Трајковски“ и е од 2. коло од Лигата на шампионите.