Данило Брестовац: Во ниту еден момент не помислив дека може да загубиме

Тренерот на Металург, Данило Брестовац има причина да биде задоволен и од ракометарите и од резултатот на средбата против Чеховски медведи. Ракометарите се изборија за триумф од 25:24, па ова е прва победа за металурзите сезонава во Лигата на шампионите.

„Задоволен сум што дојдовме до првата победа во Лигата на шампионите. Имаме поголем ростер и повеќе ротација. Не најдовме решение за нивната 5-1 одбрана. Немавме многу време за да се подготвиме за она што Чеховски медведи може да го понуди. Направивме максимум за да се подготвиме. Додека играа 6-0 делувавме добро, но на тоа и повеќе работевме. Благодарение на Даниловски и добрата одбрана заслужено имавме 16:10 на полувреме. Во вториот дел промашивме две зицери и два пенали. Сега е лесно да зборуваме, но доколку ги реализивавме сигурно многу порано ќе го решевме овој дуел“, изјави Брестовац.

Иако Чеховски медведи во завршницата стигнаа до резултат со кој најавија и пресврт, сепак, Металург успеа да ја исконтролира средбата.

„Во ниту еден момент не помислив дека можеме да загубиме. На клупата сите бевме свесни дека го имаме овој меч и верувавме во тоа. Можам да кажам и тоа дека судиите не ни помогнаа воопшто. Тие беа постојано во комуникација со судиите, но ние не и не знам од каде е впечатокот дека судиите ни помогнале“, рече тренерот на Металург.

Овој тим ќе има голем предизвик во следните денови и ќе мора да одигра две средби во два дена. Прво в среда ќе биде одигран дуел од СЕХА-лигата против Стеауа, а потоа в четврток следува меч од Лигата на шампионите против Спортинг.