Даниловски: Разочарани сме, имавме повисоки очекувања

Македонската кадетска репрезентација го привршува своето учество на Европското првенство 2014 кое се игра во Гданск и Гдиња, Македонија се бори за пласман од 13 до 16 место, по низата порази и само една победа, онаа против Србија.

Генерацијата на извонредните Нелоски и Талевски, со голем оптимизам влезе пред првенството, првиот сигнал за предупредување го добиме од репрезентацијата на Унгарија со која младите репрезентативци одиграа контролни натпревари, но потоа следуваше несреќен пораз од Русија на стартот, за да добијат ракометна лекција од шпанските и данските врсници. Трошка надеж беше натпреварот против Србија кој беше и единствениот позитивен резултат на овој европски собир, по што останува Македонија да разигрува за последните места на ЕП односно за 13-16 место со репрезентациите на Чешка, Романија и/или Србија.

Никола Даниловски, голманот на македонската кадетска репрезентација пред последните натпревари за пласман на ЕП во Полска за впечатоците и очекувањата во изјава за 24ракомет:

Имаме уште два натпревара пред нас и сега се концентрираме да победиме на двата. Разочарани сме од досегашниот тек на натпреварите, бидејќи имавме повисоки очекувања. Ќе дадеме се од себе да го завршиме европското првенство со  победа.

За трофејот во Полска ќе се натпреваруваат кадетите од Данска, Шпанија, Унгарија и Франција.