Даниловски не успеа да го одбрани Металург во Прилеп

Екипата на Металург 2 во некомплетен состав гостуваше кај Прилеп и загуби минимално со само 27:28. Прилепчани го искористија домашниот терен и на крајот славеа така што дојдоа до три важни бодови на овој меч против „металурзите“ и успеаја да се израмнат со Борец и да дојдат на бод од Радовиш.

Во текот на сите 60 минути владееше неизвесност. Металург имаше предност од стартот и успеваше да биде во предност. Голманот Даниловски имаше клучна улога, а му помагаа Димитриоски, Шилегов, Мелоски и Митиќ кои во отсуство на оние кои играа за првиот тим во Истанбул мораа да пополнуваат.

Металург 2 и покрај тоа што имаше предност во поголемиот дел од првото полувреме не издржа до крај и на одмор беше 14:14. Во продолжение имаше менување во водство и ниту еден тим не можеше да создаде поголема предност, па до крајот владееше неизвесност. Последниот гол беше дело на Јане Јанчев кој му пресуди на Металург, а Даниловски кој собра 19 одбрани не можеше да го одбрани својот тим и да донесе барем бод.

ПРИЛЕП – МЕТАЛУРГ 2                28:27 (14:14)

Сала: Р. Р. Ричко во Прилеп. Судии: Михајло и Методија Илиевски од Битола. Делегат: Јован Василев од Битола.

ПРИЛЕП: Јовановски, Ивчески, Стоилов, Ѓорѓиески 6, Пекоски 1, Вешоски 1, Тренчески, Спасески, Шокоски, Бозароски 3, Рајатовски, Јанчев 11, Нешкоски, Шајин, Јанески 2.

Седмерци: 3/6, Исклучувања: 2 мин.

МЕТАЛУРГ 2: Даниловски, Василевски, Тодоров, Смилевски, Гајиќ 2, Мелоски 6, Младеновиќ, Димитриоски 8, Гошевски, Кондев 1, Лембанов, Шилегов 6, Ристовски, Додиќ, Божиновски, Митиќ 4.

Седмерци: 7/7, Исклучувања: 4 мин.