Дамњановиќ: Енергијата е многу добра, ни дава поттик за подобра игра

Со последното засилување на бековската линија, „црвено-црните“ добија свежина и брзина во играта, српската репрезентативка ќе има можност со тимот од Скопје да атакува на прва титула во новиот „Фајнл Фор“ формат на Лигата на шампионките. Сања Дамњановиќ е задоволна од линијата по која се движи формата на македонскиот првак, а до првиот натпревар во Лигата на шампионките има речиси еден месец, период за поправки на недостатоците и подобро воигрување со останатите Вардарки

ДАМЊАНОВИЌ: Како ги започнавме подготовките, малку добро, малку лошо, така и формата на сите ракометарки како и мојата се менуваше. Но како ги игравме натпреварите, после третиот, четвртиот и петтиот меч формата растеше, а ние игравме се подобро на теренот. Во последниот период мислам дека енергијата е многу добра и тоа носи голема предност бидејќи ни дава поттик за подобра игра во одбраната и во нападот.

Најсериозен противник со кој Вардар одигра неколку подготвителни дуели е рускиот првак, Ростов Дон. Покрај трите победи за „црвено-црните“, во последниот дуел во финалето на турнирот „Вардар“ македонскиот првак не ја прикажа играта од претходните натпревари.

ДАМЊАНОВИЌ: Ростов Дон е добра екипа. Тие загубија веќе два пати од Вардар и сигурно сакаа да се реваншираат, од друга страна ние бевме убедени дека ќе ги совладаме и кога потсвеста ќе проработи играте полошо, но далеку од тоа дека ги потценивме сметам дека тие имаа поголема желба за победа, а сепак на крајот ние се радувавме.

Екипата на Вардар во понеделник заминува на мини подготовки во Охрид по што ќе следуваат контролните натпревари со репрезентацијата на Данска пред почеток на сезоната во Лигата на шампионките.