Дали е време за детронизирање на владетелот во Унгарија: ПИК Сегед го победи Веспрем по три години! (ВИДЕО)

Ракометарите на ПИК Сегед по цели три години и три дена успеаја да се израдуваат на победа над големиот ривал Веспрем, откако го победија со 26:23, во натпревар од 9 коло на унгарскиот шампионат.

Словенечкиот двоец Скубе и Шоштариќ донесе 2:0 за домашните, пред Палмарсон да намали на 2:1. Беше 3:1, 4:2, пред исландскиот бек со нови два гола да донесе 4:4. ПИК Сегед ја стегна одбраната и Калман во 17 минута им донесе плус 3 на домашните, 9:6. Беше и 10:7, но Веспрем повторно се врати во игра и израмни на 10:10 со головите на Нилсон, Маргуч и Чема. Беше 11:11, 12:12, а полувремето заврши 14:13 за домашниот тим.

На стартот на вториот дел Палмарсон веднаш израмни на 14:14. ПИК Сегед пак нагази и поведе со 19:16, а во 45 минута имаше и предност од 21:18, па 22:19. Илиќ намали од пенал на 22:20, а Наѓ ја врати неизвесноста со голот за 22:21. Српскиот лев бек промаши пенал, па домашните преку Шоштариќ и Горбок зголемија на 24:21 во 55 минута,  во 58 минута беше и 25:22 со голот на Скубе. До крајот погодија уште Гајиќ и Балог за конечни 26:23 и голема радост во Сегедин на тренерот Пастор и неговите ракометари.

Најдобар стрелец кај ПИК Сегед беше словенечкото десно крило Марио Шоштариќ со 6 голови, додека неговиот сонародник Скубе даде 5. Во Веспрем се истакна Палмарсон со 6, додека Угалде даде 4, а слаб ден имаа Илиќ и Наѓ. По 13 одиграни натпревари Веспрем има 12 победи и 1 пораз, додека Сегед има 9 победи на 9 натпревари.