Далеку подобро од јуни, но пак двоцифрен пораз за Македонија во Шведска

Фаворитот Шведска дојде до нова победа против Македонија овој пат во квалификациите за Европското првенство во Франција следната година. Со далеку подобра игра од дуелите во јуни Македонија покажа дека има квалитет, но не успеа да ги намали грешките поради кои претрпе нов двофирен пораз со 38:26.

Македонија тргна одлично во средбата и со головите на Елена Георгиевска и Сара Ристовска поведе со 2:0. Сепак, она што беше добро во првите две минути наеднаш го снема и следеше серија од 7:0 со што Шведска успеа да направи сериозна предност која делуваше застрашувачки на стартот од средбата.

Сепак, некаде на средината на полувремето беше воспоставена рамнотежа и Македонија успеа да се одржува во ритамот. Швеѓанките веќе имаа 7-8 погодоци предност, но после ова одбраната малку засили, па тоа донесе простор за намалување на негативата и до крајот на првите 30 минути предноста на Шведска беше стопена на пет погодоци. На одмор се замина со 18:13, но очигледно дека паузата им дојде добро на Швеѓанките, кои тргнаа далеку посилно во второто полувреме и стигнаа до осум гола предност.

Оваа позитива која ја стекнаа после само неколку минути игра беше одржувана постојано. Македонија се враќаше со пет или шест негатива, но потоа со неколку добро органиирани акции Швеѓанките се враќаа, а во финишот дојдоа и до двоцифрена позитива.

Во репрезентацијата на Македонија се забележа желба, но на моменти во нападот претерано се брзаше. Повеќето од головите на Швеѓанките дојдоа после такви акции така што ова е нешто кое мора да се менува во играта на нашата селекција пред дуелот со Србија.

Денеска во нападот функционираше главно десната страна каде Георгиевска и Ристовска имаа повеќе простор за игра. Одбраната имаше поддршка и од голманите. Сите добија шанса, а Петковска мораше да ја напушти играта порано од предвиденото поради тоа што доби директен црвен картон откако направи прекршок надвор од шест метри.

За разлика од дуелот одигран на 13 јуни ова беше далеку подобро издание на ракометарките на терен. Сепак, факт е дека можеа да бидат уште подобри, но тоа ќе можат да го сторат в недела против Србија.

ШВЕДСКА – МАКЕДОНИЈА        38:26 (18:13)

Сала: Спарбакен арена во Лунд. Судии: Викторија Кијаускаите и Аусра Залиене од Литванија. Делегат: Џејмс Ранкин од Велика Британија.

ШВЕДСКА: Бундсен (2 одб.), Иден (7 одб.), Тофт Хансен 4, Мелгард 1, Екенман-Фернис 3, Стромберг 2, Блом 2, Робертс 3, Санд 6, Густин 2, Вестберг 1, Гулден 2, Хагман 8, Бломстранд 2, Јакобсен, Алм 1.

Седмерци: 1/1, Исклучувања: 4 мин.

МАКЕДОНИЈА: Серафимова (3 одб.), Антиќ (6 одб.), Петковска (3 одб.), Гакидова 1, Д. Георгиевска 3, Боризовска, Десподовска 1, Нолевска, Е. Георгиевска 9, Николиќ, Керамичиева 2, Трпковска, Јовановска, Ристовска 6, Ливриниќ 1, Саздовска 2

Седмерци: 2/2, Исклучувања: 8 мин.