Давид Писонеро: Не сум задоволен од некои резултати, сакам победа на секој натпревар

Екипата на Вардар утре го игра првиот меч сезонава во СЕХА лигата, а денеска беше отворена и сезоната на прес-конференции пред утрешниот натпревар (20:45ч-СЦ „Јане Сандански“).

Тренерот на Вардар, Давид Писонеро денеска првпат се појави на официјален прес пред дуелот со Пекинг Универзитет, а го искажа своето очекување од она што утре би требало да се види на теренот.

„Среќен сум што почнува официјалниот дел од сезоната и што тоа се случува во Скопје. Стартот на сезоната е важен за Вардар. Пекинг Универзитет е непознат тим. Сепак, после Супер Глоуб за нас е важно да го кренеме нивото и да почнеме да играме сè подобро. За играчите е добро да почнат во добар ритам и без разлика што ова е непознат ривал наше е да одиграме најдобро што можеме и се надевам дека како ќе одминува времето ќе бидеме сè подобри“, изјави тренерот на вардарци, Давид Писонеро.

Тој вели дека не е задоволен од тоа какви резултати постигнале во подготовките, но и дека може да биде задоволен од играта на дел од средбите на Супер Глоуб.

„Не сум задоволен од сите резултатите досега. Мојата цел е секогаш кога ќе излеземе на терен да победуваме. Иако победата е најважна ова досега беа подготвки. Супер Глоуб е повеќе од обични подготовки, а можам да бидам задоволен од првото полувреме против Кил. За мене е многу важно да играме добро и како влегуваме во натпреварите. Од тоа можеме да сме задоволни“, рече Писонеро.

Колку е сработено ќе се види утревечер од 20:45 часот кога Вардар го пречекува новиот тим во СЕХА, Пекинг Универзитет и е голем фаворит против него.