Давид Дејвис на кормилото на ЖРК Вардар до крајот на сезоната!?

Македонскиот првак ЖРК Вардар, со нерешен резултат ги започна натпреварите од Лигата на шампионите. Ракометарките на ФТЦ беа несреќни и за буквално неколку милиметри не се радуваа на сензационална победа, а тоа значеше голема промена во структурата на Вардар. Управата се одлучи за освежување на тренерската позиција, каде изминативе четири години седеше Индира Кастратовиќ.

Со неочекуваната одлука на менеџерската структура во клубот, Вардарки мораа бргу да ги консолидираат своите редови, а како привремено решение на клупата седна тренерскиот тим составен од сопственикот Самсоненко, спортскиот директор Кокшаров и помошникот Станковски. Во меѓувреме управата започна интензивна потрага по нов тренер. Меѓу најсериозните предлози беа словенечкиот стратег Тоне Тисељ, селекторот на унгарската репрезентација и шампионот Ѓер, Амброш Мартин, како и тренерот на машкиот состав Ла Риоха, Хота Гонзалес.

Како што стојат работите, ниту еден од овие искусни стратези не беше во можност веднаш да седне на жешкото тренерско столче во ЖРК Вардар, поради професионални обврски и токму затоа управата одлучила повторно да се обрати за помош во своите редови.

Функцијата тренер на ЖРК Вардар му била понудена на помошник тренерот на машкиот колектив Давид Дејвис, кој минатата полусезона беше дел од стручниот штаб предводен од Индира Кастратовиќ. Тој кон крајот на мај не прифати да остане помошник тренер во составот на женскиот тим, но сега добива можност како прв тренер да го предводи „црвено-црниот“ колектив кон нова клупска историја. Дејвис изминативе три недели им помагаше на ракометарките со своите тренинзи, но се уште нема никаква официјална потврда дали шпанскиот стратег ќе дебитира како прва опција на тренерското столче.

По промената во стручниот штаб, „црвено-црните“ девојки забележа две победи, и во добра атмосфера пред четвртиот дуел од Лигата на шампионите ја очекуваат информација околу името на новиот кормилар на ЖРК Вардар.