Грците ќе играат со топките на Вујо (ФОТО)

На ракометниот пазар деновиве е промовирана соработката меѓу спортскиот бренд за ракометна опрема „Кинг“ и легендарниот ракометар и успешен тренер Веселин Вујовиќ. Актуелниот селектор на словенечкиот национален тим и ракометниот клуб Марибор, ќе има нова улога како бренд амбасадор да ја промовира новата линија ракометни топки кои го носат неговото име и презиме.

Популарниот Вујо во својата богата кариера важеше за успешен и посветен ракометар, а по започнување на тренерската кариера и бронзениот медал од мундијалот во Франција со селекцијата на Словенија, само ја крена летвичката кога во прашање е капацитетот на една ракометна икона. Токму тоа е подлогата за соработка со компанијата за спортска опрема „Кинг“ која се одлучи да го искористи влијанието на некогашниот тренер на Вардар и да ја промовира новата линија ракометни топки во регионот.

До сега топката имаше свое деби на неколку турнири во соседството, но први официјални клиенти ќе бидат екипите од Грција, бидејќи компанијата склучи договор со Грчкиот ракометен сојуз, па тимовите од елитната лига ќе ги тестираат перформансите на новата „Кинг“ топка со потпис на Веселин Вујовиќ на сите официјални натпревари од домашната лига.

Иако се далеку од водечките ракометни брендови Молтен и Селект кои деновиве веќе тестираат „лепливи“ топки, новиот и амбициозен бренд треба да понуди свежина на пазарот,а во тоа секако ќе помогне името и презимето на легендарниот Вујо.