Грците немоќни – Турција не ја повтори македонската грешка!

Ривалите на Македонија за пласман на Европското првенство 2020 година го одиграа својот натпревар од третото коло во рамки на квалификациската група 3. Грција повторно во Кожани беше домаќин на Турција во борба за нови бодови и продолжување на трката за пласман на ЕП. Гостите не ја повторија грешката на Македонија и славеа важна победа 22:26.

Натпреварот подобро го започна Турција, поведе со 2:0 и успеваше да го одржува водството во текот на првото полувреме. Грција не дозволуваше гостите да се одлепат на поголемо водство, но постојано беа во негатива. Најголемата предност што ја имаше Турција беше 10:7. Грчките ракометари во последните минути од првиот дел го надоместија заостанувањето и на полувреме отидоа со нерешени 11:11.

Во вториот дел натпреварот беше многу израмнет, ниту еден противник не успеваше да направи предност. Се играше гол за гол и екипите постојано го менуваа водството. Во самиот финиш на натпреварот 57 минута, Турција успеа да направи предност 25:22 потпомогната од неколку добри интервенции на голманот. Грците до крајот брзаа во нападите и направија технички грешки за конечен пораз пред своите гледачи од големиот ривал.