Грбавац: Вечерва не бевме достоен противник!

Составот на Извиѓач со висок пораз заминува од Скопје, но гостинскиот тренер Грбавац не можеше да прејде преку менталитетот на своите играчи и лошата атмосфера. Босанскиот шампион потфрли во првиот дел од СЕХА дуелот и немаше волја и желба за враќање во игра во вториот. Рутински натпревар кој му овозможи на Металург да ја подигне атмосферата во пресрет на Лигата на шампионите, а на гостите им преостанува да жалат за лошата претстава од „Борис Трајковски“.

Зденко Грбавац, тренер на РК Извиѓач:

Ние вечерва не бевме достоен противник. Ваквите натпревари не ги одигравме на вистинското ниво, постојано паѓавме уште во првиот дел како вечерва и лесно се предававме. Можеби се возевме до тука околу 15 часа, можеби сме малку уморни, но тоа не е причина за ваквиот пораз и не ја намалува победата на Металург.