Граџан: Доаѓањето во Еурофарм Работник беше вистински потег

Босанскиот интернационалец Елмир Граџан ја заврши втората сезона во македонскиот шампионат во дресот на Еурофарм Работник. Пивотменот и во следната година ќе настапува за битолскиот тим  во домашните конкуренции, регионалната СЕХА лига и Лигата на шампионите. За босанските медиуми, Граџан вели дека направил вистински потег со доаѓањето во Македонија.

„Доаѓањето во Македонија за мене беше вистински потег. Презадоволен сум како се развива Еурофарм Работник. За кратко време стартуваме во нови работни победи. Ние сме млада екипа, претходно се познававме од репрезентативните настапи, а сега се споивме во една целина, во која има ракометари од сите поранешни републики на Југославија. Го симнавме Металург од второто место, се пласиравме во СЕХА лигата, а го намачивме и Вардар во дуелите минатата сезона. Како награда за одличната сезона стигна и поканата за настап во Лигата на шампионите“, вели Граџан.

Босанецот покрај настапите за Еурофарм Работник, најверојатно ќе биде дел и од босанската репрезентација што ќе игра на Европското првенство во Австрија, Норвешка и Шведска на почетокот на следната година.