Го огреа Сонце и Монпелје: Европскиот првак конечно стигна до победа

Тимот кој ја брани титулата во Лигата на шампионите, Монпелје после седум средби на кои освои само еден поен успеа да дојде до првата победа сезонава. Монпелје го совлада тимот  на Рајн Некар со 31:26 и на тој начин се врати во трка за позициите кои водат во елиминациите од Лигата на шампионите.

Монпелје имаше предност во текот на целата средба. Во првите 30 минути создаде позитива од четири гола и имаше предност од 16:12, а овие четири гола во вториот дел од мечот искусно се одржуваа.

Очигледно Монпелје се консолидираше и успеа да се врати во потребниот ритам, па до крајот на сезоната ќе биде многу опасен ривал за секој друг тим во групата А.

Денеска за Рајн Некар од првата минута настапи Филип Талески, кој средбата ја заврши со два погодоци. Најефикасен кај гостите беше Толбринг со шест гола, додека кај победникот по седум гола имаа Гигу и Ричардсон.