Го нема Брестовац, нема резултати: После лошиот старт, Обрван со нов помошник

Четвртиот пораз во серија за Шамбери, што е најлош старт на сезоната за овој тим во шампионатот на Франција беа причина за реакција на раководството. После заминувањето на Данило Брестовац, Ивица Обрван беше без помошник, па затоа претседателот на клубот одлучи да назначи нов со кој поранешниот селектор на Македонија ќе соработува во иднина.

Поразот од Тулуз од 23:27 беше причината поради која во иднина Лоран Буселие ќе биде во стручниот штаб на Обрван и двајцата ќе го предводат тимот.

„Лоран Буселие ќе биде засилување за стручниот штаб. Тој и понатаму ќе биде тренер на младите категории, но во иднина ќе работи и со Обрван. Се работи за тренер кој одлично го познава клубот и во кого имаме целосна доверба. Оваа одлука ја донесовме заедно со тренерот Обрван, генералниот менаџер Муние и спортскиот директор Бертран Жил“, изјави претседателот на клубот Ален Понсет.

Инаку, се работи за поранешен ракометар на Шамбери кој настапувал за оваа екипа од 2000 до 2013 година.