Го бараат ама….Вуко Борозан останува во Вардар

Левиот бек Вуко Борозан има доста понуди за заминување од Вардар, но тој својот договор со „црвено-црните“ ќе го доработи според планираното, па и следната сезона ќе остане во „Јане Сандански“. Европскиот првак веќе создава екипа која и во иднина ќе биде респектибилна, иако неколкумина играчи заминуваат бидејќи им завршуваат договорите.

Останувањето на Борозан ја покажува намерата на Вардар во 2020 година да обезбеди место во новата лига на шампиони каде ќе играат само најдобрите екипи од Европа. Наскоро би требало да се потврдат и некои засилувања, кои ќе покажат во која насока ќе се движи екипата во иднина. Сигурно е само дека тренерот Гонзалес, и играчите Циндриќ, Штербик и Абутовиќ заминуваат, а можно е и Македа. Другите имаат договори, а со дел се преговара за останување.

Црногорскиот репрезентативец оваа сезона „експлодираше“ во дресот на Вардар и беше еден од главните бомбардери во тимот. Неговите удари ретко кој голман ги брани, па затоа е еден од најценетите играчи на таа позиција во Европа.
Сезонава во лигата на шампионите постигна вкупно 39 гола, најмногу на гостувањето во Унгарија кај ПИК Сегед, осум. На последниот меч во Шведска кај Кристијанштад постигна седум гола.