Готово е: Металург од вторник посилен за Халил Јагањац!

Ако до пред неколку дена трансферот на Халил Јагањац од ПСЖ во Металург беше условен од расплетот на ситуацијата меѓу македонскиот вицепрвак, Немања Обрадовиќ и Висла Плоцк, сега веќе не е така.

Металург се договори со менаџерот на младиот хрватски ракометар и тој веќе в вторник доаѓа во Скопје, а веднаш потоа заминува за Охрид, каде тимот на Червар од денеска се наоѓа на подготовки. Јагањац беше во Грузија каде со кадетската репрезентација на Хрватска настапуваше на Мундијалот за играчи до 19 години. Дел од оштетата што францускиот тим ја бараше, ќе биде уплатена во текот на следната недела, другиот дел подоцна.

Претходната варијанта за Металург беше со парите од евентуалната оштета за Обрадовиќ од полскиот тим, да се купи Хрватот од ПСЖ. Но, преговорите со Висла Плоцк не одеа лесно, тие не беа расположени да платат толку колку што бараше Металург, па од раководството на македонскиот тим не седеа со скрстени раце и без разлика на исходот со Обрадовиќ, ги обезбедија услугите на Јагањац.

На турнирот во Струга, Червар играше практично со четири бека на сите дуели, па помошта од хрватскиот интернационалец ќе биде добредојдена за Металург во пресрет на стартот на дуелите од СЕХА Лигата и Лигата на шампионите.