Горење никако да го скрши малерот: Целје ги однесе бодовите од Велење

По драматичната победа на Татран Прешов над Брест Мешков, и помалку изненадувачкиот триумф на Динамо Панчево над Војводина во српското дерби, ракометарите на Целје триумфираа на гостувањето во Велење кај големиот ривал Горење со 22:25, со што продолжи скоро четиригодишниот пост на „осите“ против гостите од Целје.

На стартот се играше гол за гол до 5:5, пред Млакар и Кодрин да погодат за плус 2, 5:7 во 14 минута. Гостите ја одржуваа предноста и во следниот период, а довчерашниот ракометар на Горење, Лука Митровиќ, му донесе на новиот клуб и плус 3, 9:12 во 25 минута. Сепак Цехте, Вердинек и Клеч погодија за Горење и на пауза се замина со 12:12.

Во 41 минута беше 16:16, а Целје преку Маргуч и Млакар стигна до највисоките плус 3, 18:21. Домаќините преку искусниот Брумен се вратија во игра, 20:21, но Целје пак стигна до 20:23, и до крајот само ја одржаа предноста за конечни

Најдобри во победничкиот состав беа Жига Млакар со 8 голови и Гал Маргуч со 4, додека кај Горење се истакнаа Вердинек, Пејовиќ и Брумен со по 4 погодоци. Утре се игра хрватското дерби меѓу Загреб и Нексе, додека в сабота на програмата е македонскиот дуел меѓу Металург и Вардар.