„Горење“ како загревање за новата сезона: Вардар отвори победнички на домашен терен

Македонскиот првак Вардар со победа ја отвори новата сезона. Во рамките на второто коло од СЕХА лигата „црвено-црните“ беа поуспешни од Горење Велење со 32-19 (12-11) и ја остварија втората победа во регионалното натпреварување.

Актуелниот европски првак со низа од три погодоци ја отвори средбата против словенечкиот вицепрвак. Вардар имаше и високи 6-1 по 11 минути игра, но наместо рутинирано продолжение на натпреварот, домаќините пред публиката во СЦ „Јане Сандански“ им дозволија на гостите комплетно да се вратат во игра, а во 21 минута дури и за прв пат да победат на овој натпревар (7-8). Составот на Гонзалес бргу ја врати контролата над играта и до 27. минута направи два погодока разлика за 11-9. Во последната минута од првиот дел Вардарци имаа напад за зголемување на водството, но пресечената топка Овничек ја претвори во гол и стави точка на првите триесет минути за конечни 12-11.

Неизвесноста продолжи и во вториот дел. Вардар ја одржуваше дистанцата од три голови, но остана лошиот впечаток од средината на првиот дел, па скопската публика мораше да почека до средината на второто полувреме на натпреварот за да го прогласи победникот на овој дуел. Вардарци разликата од три голови ја одржуваа до 37. минута. Во наредните три одлична одбрана и тактички постабилниот состав на „црвено-црните“ успеа да украде четири топки кои Марсениќ, Дибиров и Чупиќ од пенал ги претворија во разлика од високи 21-14 во 40. минута.

Се обидоа да се вратат Словенците, но низата од два гола на противникот ја прекина Борозан во 42. минута, а Вардар не дозволи ново изненадување и преку Чупиќ и Македа се врати на високата разлика од седум голови 24-17 (47′). Тука беше крајот на сите надежи за словенечките вицепрваци, составот на Гонзалес ја одржуваше високата разлика, а Војводиќ, Ончев и Поповски дури ја зголемија на највисоки 29-19 на четири минути до крајот. Кога веќе беа познати победниците на овој дуел во рутиниран финиш Вардар стигна до победа од високи 32-19. Точка на дуелот стави Поповски од пенал.

Најпрецизен на теренот беше Брумен со 6 голови, а го следеше Гребенц кој постигна 5 за составот на Горење. Во победничкиот состав Чупиќ со 5 и Марсениќ со 4 голови ја предводеа листата на стрелците, додека Криштопанс, Македа и Дибиров ги следеа со по 3 голови.