Гонзалес: Нè очекува чуден натпревар, прво место сме и сакаме да остане така до крај

Македонскиот првак во сабота ќе го одигра осмиот натпревар во Лигата на шампионите. Во Скопје повторно ќе гостува Рајн Некар Ловен, екипата која минатата сезона го порази Вардар во „Јане Сандански“. Германскиот и македонскиот шампион ќе се борат да останат непоразени во елитното натпреварување.

Раул Гонзалес, тренер, РК Вардар:

Ќе играме против шампионите на германска лига, очекувам тежок и чуден натпревар. Чуден бидејќи тие имаат секогаш непријатна тактика „7 на 6“, затоа нашата одбрана треба да биде многу подобра. Имаат навистина добри играчи од кои се очекува многу. Многу нешта зависат од тоа како ќе одигра Енди Шмид, тој има добра сезона и од него ќе зависи играта на Рајн Некар. Кога Металург започна да игра „7 на 6“ ние бевме катастрофа во напад, но многу работевме и мислам дека со текот на време против ПСЖ и Барселона на Ф4 покажавме дека можеме да се справиме со таква тактика (7 на 6). Ракометот оди во овој правец и мора да се прилагодиме. Се надевам дека салата ќе биде исполнета до последно место бидејќи ни требаат навивачите. Сега сме прво место и сакаме да остане така до крај.

Нашиот здравствен биланс е добар, Лука Циндриќ може да игра, но мислам дека нема да биде спремен бидејќи му треба тренажен процес од најмалку 7 дена и ние нема да ризикуваме бидејќи екипата е во одлична форма.

Натпреварот е закажан за 17:30 во спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје.