Гонзалес: Не значи дека ако играш добро против Барселона ќе победиш!

Пред македонскиот шампион е ултимативниот предизвик, можност за проверка на силите, борба за прво место во групата Б, борба за пласман во четвртфиналето на ЛШ. Во недела со почеток од 17:45, Барселона повторно ќе игра пред скопската публика, овојпат како европски шампион, овојпат во СЦ „Јане Сандански“…

Тоа беше повод за редовната прес-конференција пред натпреварот од осмото коло во Лигата на шампионите.

Раул Гонзалес, тренер на екипата:

Повторно играме против Барселона. Таму одигравме добро, но загубивме со еден разлика. Имавме потешкотии поради долгото патување, а тешкиот дуел со Веспрем и репрезентативните обврски од кои се вратија ракометарите беа причина за мал замор. Мора да играме 100% за да победиме, треба да играме добро во одбрана и напад и да ги искористиме контра-нападите. Не значи дека ако играш добро против Барселона ќе победиш. Се надевам дека поддршката од публиката ќе биде наш поттик, во Шпанија, Барселона одигра многу добро, но се уште има простор за напредување, тука може да се разигра Кирил Лазаров или Ентрериос. Ние тренераме добро и се надеваме дека сè добро ќе се заврши.

Алекс Душебаев, десен бек, РК Вардар:

Мислам дека натпреварот во Барселона беше добар, а ние одигравме добро, но ни недостасуваше среќа. Бевме добро подготвени, но оваа недела сме одморни и повеќе трениравме за Барселона. Се надевам дека против европскиот шампион со поддршка на навивачите ќе ги искористиме грешките на противникот и ќе ја искористиме шансата која ни се укажува.

Треба добро да се подготвиме, да ги елиминираме грешките во одбрана и во напад. Мораме да одиграме како знаеме, а останатото ќе се види на натпреварот.