Гонзалес: Ако сакаме на Ф4, мораме да играме добро цела сезона, особено на домашен терен

Започнува новата сезона за македонскиот шампион, СЕХА лигата веќе го имаше својот старт, а по саботниот натпревар против Металург со кој официјално ќе се отвори натпреварувачката сезона во Скопје, следува и гостувањето на словенечкиот вицепрвак Горење Велење во СЦ „Јане Сандански“.

Раул Гонзалес, тренер на РК Вардар:

Очекувам тежок натпревар, Горење Велење имаат добри играчи и нов тренер, очекувам да играат брзо, со силна 6-0 одбрана и искусни ракометари предводени од Брумен. Ние имаме повредени играчи Циндриќ, Карачиќ, Недановски и Мораеш така што не знаеме во кој состав ќе излеземе и како ќе се одвиваат работите на терен. Ако сакаме да играме Ф4 во мај, мораме да играме добро цела сезона, особено на домашен терен, сега треба да се фокусираме на секој нареден натпревар.

Не сум задоволен од играта во Катар, знаевме дека ќе биде тешко против Барселона, но ние очекувавме да победиме. Почетните минути не се одвиваа во наша корист, лошо отворивме, потоа требаше да го бркаме резултатот. Ни се отвори нова шанса, но тешко е да се искористи кога играте против една Барселона.

Натпреварот против Металург во рамките на СЕХА лигата, се игра во сабота со почеток од 17:45 часот во СЦ „Борис Трајковски“, додека дуелот против Горење, Вардар ќе го одигра три дена подоцна во СЦ „Јане Сандански“ со почеток од 17:30 минути.