Голужа: Сакав да се покажам пред моите поранешни играчи

Вардар славеше над Татран Прешов со 32:28 во рамките на СЕХА Лигата што беше четврта победа на првакот во исто толку натпревари. Ова беше проверка за „црвено-црните“ момци пред вториот дуел од Лигата на шампионите против Нант. Се чини дека вардарци одиграа колку што требаше да победат. Гостите и покрај поразот, беа задоволни од изданието.

„Јас би се вратил неколку месеци назад и сакам да му честитам на Вардар на играчите и на стручниот штаб за освоената титула во Лигата на шампните. Тие се подобра екипа од нас, сакам да се извинам за моето недолично однесување во првиот дел. Честитки за Вардар, не треба да зборуваме многу за натпреварот, ние го дадовме својот максимум и мислам дека гледачите сепак уживаа во дуелот. Имав мотив да одиграме добар натпревар денеска пред моите поранешни играчи Чупиќ, Карачиќ  и Циндриќ. Мене Вардар ми е голем мотив, секој натпревар ми е мотив. Задоволен сум од изданието на моите момци, ние сме на добар пат, јас сум тука само два месеци. Татран Прешов минатата сезона овде загуби убедливо, сега бевме подобри, јас сум горд на моите момци, како играат и како се однесуваат на теренот.“ – изјави тренерот на Татран Прешов, Славко Голужа.

Најдобриот играч кај гостите, Бруно Буторац, подели комплименти на вардарова адреса.

„Знаеме кој е Вардар, задоволен сум од изданието на моите соиграчи и покрај поразот.“ – краток беше хрватскиот десен бек.