Голман на Вардар може да стане „лисица“?!

По одлуката на сопственикот Сергеј Самсоненко да се повлече од Вардар, сите ракометари веќе се во потрага по нови средини за следната сезона. Некои од играчите од поодамна имаа најдено нови клубови, а дел од нив веќе имаат на маса понудени договори.

Српскиот репрезентативен голман Дејан Милосављев би можел од следната сезона да се пресели во Бундес лигата, во дресот на Фуксе Берлин, каде веќе настапува уште еден поранешен вардарец Мијајло Марсениќ.

Одличните партии на Милосављев низ натпреварите од Лигата на шампионите и регионалната СЕХА лига не останаа незабележани, па Србинот веќе има понуда од „лисиците“.

Иако Фуксе в година би требало да ги има на располагање Силвио Хајнефетер и Матијас Цимер, сепак Хајнефетер најави преселба во Мелсунген една година порано од очекуваното, па Милосављев би можел да формира дуо со Цимер. Тој потекнува од школата на Југовиќ, настапуваше за Синтелон, Црвена Ѕвезда и Партизан, а кратко време мина и во катарската Лахвија.