Голем пресврт во Битола: Металург се врати од минус осум и освои три бода против Пелистер

Екипите на Пелистер и на Металург одиграа интересен натпревар со голем број на голови и со голем пресврт. Гостите победија со 41:37, а домашните не успеаја да зачуваат огромна предност од дури осум погодоци создадена во 23. минута од средбата.

Пелистер го доби почетокот на натпреварот, но и комплетното прво полувреме во кое во 23. минута дојде до 18:10. Овие осум погодоци се чинеа како повеќе од доволни за да може да се обезбеди победа на овој дуел.

Сепак, место оваа разлика да ја зголемуваат тие попуштија во завршницата на првото полувреме и на одмор заминаа само со четири позитива. На паузата Пелистер имаше водство од 21:17, па овој резултат беше недоволен за мирно продолжение.

Во второто полувреме тимот на Металург успеа брзо да се врати во ритам и да намали. Првпат израмни при 26:26 и тоа беше и прво израмнување на натпреварот. Домашните уште неколку минути издржаа во водство, но после 30:30 сè беше во знакот на „металурзите“ кои до крајот на второто полувреме стигнаа и до плус од шест гола, но завршија со четири гола разлика и конечни 41:37.

Со оваа победа тимот на Металург останува и понатаму во трка за 2. место, но јасно е дека за тоа ќе се решава во директниот дуел со Еурофарм Работник.

ПЕЛИСТЕР – МЕТАЛУРГ               37:41 (21:17)

Сала: „Боро Чурлевски“ во Битола. Гледачи: 1500. Судии: Ѓорѓи Начевски и Славе Николов од Скопје. Делегат: Камер Металари од Скопје.

ПЕЛИСТЕР: Плех, Ѓорѓевски, Маџовски 4, Поповиќ 9, Гуглета 2, В. Димитровски 7, Апостоловски, Станојевиќ 1, Лековиќ 2, И. Димитровски, Кобетиќ 10, Стоилевски, Табанге, Дрогришки, Ивановски.

Седмерци: 3/4, Исклучувања: 10 мин.

МЕТАЛУРГ: Дупјачанец, Даниловски, Јагуриновски 5, Лазаревски 3, Димитриоски 4, Токиќ 7, Шилегов 3, Танкоски 5, Серафимов, Младеновиќ, Шпенде 9, Пучник, Миличевиќ 1, Маџовски 3, Стојановиќ, Арсеновски.

Седмерци: 5/8, Исклучувања: 4 мин.