Глигор Гаjиќ, новиот бисер на македонскиот ракомет!

Пред 21 година на македонската сцена во најсилното клупско натпреварување во Македонија дебитираше 15-годишниот Кирил Лазаров. Човекот чиј препознатлив шут и преглед на играта го вбројуваат меѓу најдобрите ракометари во историјата на овој спорт. Лазаров ја започна својата европска приказна со велешки Борец, а денес гордо го носи дресот на актуелниот европски шампион Барселона.
Македонската лига низ годините создавала квалитетни ракометни имиња, но напредокот во ракометната игра ја заобиколи македонската сцена, затоа во последната декада статусот ракометен талент им се доделува на ракометари кои во силните европски национални првенства треба да се носители на играта на своите тимови. Од оние „вечни таленти“ најмногу загуби македонскиот репрезентативен ракомет, а последиците ги чувствуваат сите љубители на овој спорт.
Затоа воодушевува изненадувањето кое тренерот Бошковски им го понуди на сите ракометни експерти во Македонија, пред сè на оние селекторски настроените кои плукаат по сè што не им е во комфорната зона на замислениот ракометен свет. Во 55-та минута од суперлигашкиот натпревар меѓу Работнички и Тинекс Пролет шанса да ја покаже новата надеж на македонскиот ракомет доби младиот Глигор Гаjиќ. Скромно момче од Струга, кое како Кирил Лазаров со само 15 години стапна на жешкиот суперлигашки терен.
Младиот централен бек своите почетоци во ракометот ги имаше пред неполни пет години во родната Струга, како талентиран ракометар е селектиран во државната Академијата за ракометари во Охрид, а пресврт во кариерата на Глигор е средбата со менторот Димовски и тренерот Весиќ и преселбата во ракометната академија од Скопје.
Во пионерските категории тој настапува за Струга, а својот суперлигашкиот статус го заработи во Работнички. Потенцијалот на младиот стружанец го препозна и шефот на стручниот штаб на Работнички, по што следуваше деби настап за лидерот во македонското првенство.
Гаjиќ ја оправда укажаната доверба, а асистенцијата кон кружниот напаѓач Никола Маркоски е еден од поубавите моменти од натпреварот против Пролет.
(Видео од акцијата можете да погледнете подолу)

Времето ќе го покаже правецот по кој ќе се движи кариерата на перспективниот стружанец, но едно е сигурно талентот и желбата ќе бидат секогаш тука како патоказ до вистинските чекори…