Ги излуде во Барселона, доби награда: Арпад Штербик е играч на октомври во ЛШ (ВИДЕО)

Голманот на Вардар, Арпад Штербик и сезонава брани во голем стил, а тоа му донесе најмногу гласови во изборот за играч на месец октомври. Во овој избор заврши пред Вуко Борозан и уште тројца ракометари кои влегоа во потесна конкуренција.

Штербик имаше одлични одбрани на сите средби, но на дуелот против Барселона беше неверојатен и тој меч го постави на врвот. Одбраните од тој дуел беа неверојатни и едноставно ги излуде играчите на Барселона.

„Кога бев помлад секое индивидуално признание значеше многу за мене. Сепак, како што поминуваа годините научив да се фокусирам на успехот на тимот. Со оглед на тоа што имам 38 години, а во Лигата на шампионите играат одлични голмани и неверојатни ракометари ова признание секако ми годи“, изјави Арпад Штербик за ЕХФ.

Штербик беше во трка за ова признание со Вуко Борозан, Енди Шмид (Рајн Некар), Сандер Сагосен (ПСЖ) и Момир Илиќ (Веспрем).

Кај дамите наградата за месец октомври заврши кај Словенката Ана Грос која настапува за екипата на Мец.