Гисласон за Дувњак: Прво да видиме какви се колената, потоа ќе процениме

Тренерот на Кил, Алфред Гисласон полека успева да го крене својот тим и да го донесе до нивото кое е потребно. Сепак, има проблеми со отсуството на еден од клучните ракометари во својот тим, Домагој Дувњак. Хрватскиот интернационалец кој се уште се опоравува од операцијата на коленото, неочекувано се најде на списокот на хрватскиот селектор Червар за престојната ЕХФ недела, со што најави камбек на терените порано од очекуваното. Токму тоа беше причина медиумите повторно да го отворат прашањето за Дувњак, кој поради напорната сезона во Кил мораше да ја одложи својата операција до последен момент.

„Дувњак веројатно ќе ни се приклучи по собирот на репрезентацијата, не знаеме во каква форма ќе биде. Прво мора да започне да тренира со нас за да видиме каква е состојбата со колената, па потоа ќе процениме кога ќе се врати на теренот“, изјави Гисласон.

На хрватскиот репрезентативец му беше извршена операција на коленото во мај годинава, па веќе извесно време е надвор од теренот, а со оглед на тоа што се работи за важен и клучен играч за Кил сосема јасно е дека неговото враќање ќе биде од големо значење за „зебрите“.