Германскиот шампион без Палмарсон во Скопје, Паличка под знак прашалник

Кога е во прашање германскиот шампион, на проблемите им нема крај. По променливите игри во Бундеслигата и во Лигата на шампионите, по повредите на Филип Јуха и Расмус Лауге Шмит нова главоболка за тренерот Гисласон е повредата на централниот бек, исланѓанецот Арон Палмaрсон.
Според проценките на тимскиот доктор Детлев Брандекер, Палмерсон ќе одсуствува од терените најмалку три до четири седмици. 24 годишниот исланѓанец повредата ја заработи на мечот против Гровалштад(TV Großwallstadt), а според зборовите на докторот се работи за скинат мускул со крварење во пределот на задната ложа.
Данскиот голман Ким Сонне ќе патува за Скопје, поради повредата на лактот на Андрес Паличка, заработена на истиот натпревар. Сеуште не се знае колку е сериозна повредата и колку долго ќе трае нејзината санација.
Недостатокот на овие две ракометни ѕвезди секако е олеснителна околност за тимот од Автокоманда, кој ќе треба да им се спротивстави на Вујин, Дувнјак, Канелјас, Тофт Хансен и останатите звучни имиња од редовите на гигантот Кил.

Македонскиот првак, го зафати стомачен вирус па сеуште е неизвесен составот кој ќе им се спротистави на „зебрите“. На тегоби веќе се пожалиле Наумче Мојсовски, Миркуловски, Липовина, а пред неколку дена истиот проблем го имал и Дејан Манасков.