Германската машинерија од Берлин покажа дека не е сè во парите!

Со вториот освоен трофеј на ИХФ Суперглоуб турнирот во Доха, Фуксе Берлин ja продолжува традицијата на победничките походи на Суидад Реал и Барселона кои во минатото двапати едноподруго ја освојувале оваа престижна титула. Иако во голем дел од натпреварот работите не беа наклонети кон старо-новиот светски клупски првак, на крајот се потврди германската упорност за минимални 29-28 и победа во финалниот дуел против ПСЖ.

Составот на Сердарушиќ одлично го отвори натпреварот, на пауза двата тима заминаа со резултат од 12-15 во корист на богатите француски шампиони, а веќе во следните три минути по паузата разликата порасна на шест голови (12-18 Молгард).  Сепак ниту седумте голови предност (14-21) во средината на вториот дел не беа доволни за победа на ПСЖ. Високата разлика ѕвездите од Париз ја одржуваа до 50-та минута, моментот кога се разбуди германскиот тим. Во самиот финиш на натпреварот двете екипи беа израмнети на теренот, но грешка во нападот на ПСЖ ги чинеше предност, тоа на спротивната страна го искористија ракометарите од Берлин за првото водство во вториот дел кое успеаа да го зачуваат во последните минути за ново славје во Доха (29-28).

Светското клупско првенство или ИХФ Супер Глоуб оваа година се одржа по 10-ти пат, а Доха е домаќин на осум вакви турнири од кои седум во низа од 2010 година.