Германија е вториот полуфиналист на турнирот во Рио

Актуелниот европски шампион , репрезентацијата на Германија беше супериорна во дуелот со Катар и со резултат 34-22 (16-12) обезбеди место во полуфиналето на олимпискиот ракометен турнир во Рио.

Ракометарите на Катар им парираа на Германските ракометари само во почетните минути од натпреварот по што избраниците на Дагур Сигурдсон, со сигурен напад и цврста одбрана успеаја да дојдат до позитива од 4 погодоци на крајот од првиот дел (16-12).

Второто полувреме Германците го отворија со серија (4-1) за 20- 13 и тука беше почетокот на крајот за актуелните светски вицешампиони. Катарската одбрана не функционираше,  а во нападот се играше без идеја . Сето тоа го искористија Германците и триумфираа со високи 12 погодоци предност (34-22)

Најефикасни во составот на Германија беа Уве Генсхајмер, Тобиас Рајхман и Фабиан Вајде со по 5 погодоци, а составот на Катар го предводеше Рафаел Капоте со 9 погодоци.

Со оваа победа ракометарите на Германија обезбедија место во полуфиналето каде што ќе се сретнат со селекцијата на Франција.