Гевгелија со пресврт славеше кај Деспина

Во плеј-аут натпреварувањето во Женската лига својот прв натпревар го одиграа екипите на Деспина и Гевгелија. Во интересен дуел со голем пресврт славеше победа гостинската екипа со 28:27.

Составот на Деспина пропушти да ја забележи првата победа откако испушти огромна предност од осум гола. Од почетокот тие започнаа многу силно и направија солидна предност веќе во почетната фаза на мечот. Највискоката предност ја имаа при резултат 14:6, што навестуваше лесна победа на екипата од Прилеп. Гостите не мислеа така и до полувремето ја намалија негативата за на одмор да отидат со 16:11.

Од почеток на второто полувреме предноста на Деспина почна да се топи. Гевгелија предводена од Марија Анчева стигна до прво израмнувње на натпреварот, 24:24.  Гостинките не застанаа тука, во продолжение на дуелот го преземаа водството и успешно го зачуваа до крајот за прва плеј-аут победа.

Најуспешна ракометарка кај Деспина беше Лилјана Рипилоска со 11 голови. Во составот на Гевгелија  најмногу се истакна Анчева која постигна девет гола, а Митревска шест пати се запиша во листата на стрелци. Во второто коло Деспина ќе гостува кај ЦЕМС, а екипата на Гевгелија е слободна.