Гајиќ и Наѓ не дозволија изненадување во Веспрем

Шампионите во СЕХА Лигата, Веспрем, забележаа победа со 31:30 над Брест Мешков, во натпревар во кој белорускиот шампион иако губеше со четири голови разлика во 42 минута, на крајот можеше да однесе бод од тешкото гостување.

Во првиот дел избраниците на Бебешко го контролираа натпреварот и водеа во неколку наврати со три голови разлика, 9:6, 10:7, па 11:8, но до крајот на полувремето Веспрем ги консолидира своите редови и успеа да поведе со 17:16.

Во второто полувреме се чинеше дека тимот на Сабате ја осигура победата кога во 42 минута обезбеди 22:18, но не беше така. Во 47 минута Мешков стигнаа до 23:23, а потоа имаше уште седум израмнувања во играта гол за гол до 30:30 во 57 минута. На две минути до крајот десното крило Драган Гајиќ погоди за 31:30, што се покажа како конечен резултат, иако гостите имаа шанса барем за бод.

Најдобар стрелец беше споменатиот Гајиќ со 9 голови, а Наѓ постигна 8, додека кај белорускиот тис е истакна Стојковиќ со 9 голови, а Кристопанс, Џамали и Продановиќ дадоа по 4.

Во Прешов, Татран го победи Горење Велење со 34:30. Во нападот на словачкиот тим предничеа Хрстка и Урбан, двете крила кои дадоа по 7 голови, додека Лука Митровиќ за Горење даде 8 голови, а Цехте беше стрелец на 7.