Гакидова очекува повеќе простор за игра на пикерите против Србинките

Ракометарката која настапува во Франција, Ивана Гакидова пред денешната пресметка со Србија очекува ова да биде далеку подобар натпревар отколку оној што беше прикажан на дуелот против Шведска во Лунд. Иако подготовките за овој меч беа кратки, сепак, сосема извесно е дека на домашен терен очекувањата можат да бидат поголеми.

„Работиме напорно за оваа средба и сметаме дека реално го дадовме максимумот против Шведска. Со Србија имаме повеќе шанси и сме многу помотивирани за овој дуел. Одиме на подобар резултат и доколку добиеме шанса за изненадување ќе се потрудиме да ја искористиме“, вели Гакидова.

Таа имаше два гола на мечот против Шведска, но немаше премногу простор за игра.

„Против Србија сметам дека ќе имаме повеќе шанса. Од она што го видовме сосема извесно е дека не очекува игра со подлабока одбрана, а тоа значи дека ние пикерите ќе треба да одработиме добро и да го искористиме просторот за игра“, заврши еден од двата пивоти во репрезентацијата на Македонија.

Натпреварот против Србија се игра денеска од 19 часот во СРЦ „Кале“.