Вујо и Жељо со пораз за крај: Тулуз ќе ја напушти Струга како третопласиран

Составот на Тулуз на крајот од турнирот во Струга се избори за 3. место откако денеска успеа да го надигра тимот на Железничар и да го совлада со 32:24. Во најголемиот дел од мечот Тулуз беше во преднсот, а во финишот дури можеше да одигра мирно и да ја потврди победата.

Средбата тргна со предност на ракометарите на Тулуз. Иако имаа проблеми бидејќи поискусниот играч во тимот Соле поради повреда не беше на теренот играчите на тимот од Франција тргнаа одлично во средбата.

Се надигруваа со Железничар долг период во првото полувреме и играа главно гол за гол до 8:8. Тука дојде до мал пад во играта на тимот од Ниш. Почнаа да се менуваат работите на теренот, а Тулуз дојде до предност. Поведе со 13:9 и ова беше мал удар за Железничар бидејќи противникот стигна до предност која гарантираше мирна игра во продолжение.

Сепак, ракометарите од Србија најдоа начин како да стигнат до погодоци за враќање во потребниот ритам и дојдоа до резултат кој даваше шанса во продолжението. Железничар го доби финишот на првото полувреме и стигна до 14:16, па на одмор се очекуваше да дојде до поголема мотивација кај ракометарите на Вујовиќ.

Сето она што беше советувано, сепак, не даде резултат бидејќи Тулуз брзо успеа да ја врати убавата предност. За неколку минути беа обезбедени плус пет гола, па тоа ја оставаше екипата на Тулуз во позитива која гарантираше победа и освојување на 3. место на крајот од турнирот.

Последните неколку минути беа само формалност бидејќи предноста од шест гола која се имаше во последниот период од дуелот најави победа. Сите шанси Железничар ги загуби рано, па немаше многу простор за надигрување, па мораше да му се честита на противникот.

ЖЕЛЕЗНИЧАР – ТУЛУЗ 24:32 (14:16)

Игралиште на „Женска плажа“ во Струга. Гледачи: 800. Судии: Исмаил Металари и Ненад Николовски од Скопје. Делегат: Славчо Каланоски од Струга.

ЖЕЛЕЗНИЧАР: Михаљевиќ (2 одб.), Дмитровиќ (3 одб.), Јанковиќ 1, Миловановиќ 5, Бандука 2, Маџар, Вејин 2, Кнежевиќ 3, Спасиќ, Савиќ 1, Бабиќ 1, Јевтиќ 4, Дамјановиќ 3, Џераниќ, Клајиќ 2.

Седмерци: 0/1, Исклучувања: 4 мин.

ТУЛУЗ: Лабро (12 одб., 1 сед.), Идризи, Бонефои, Монгин 4, Жиро 1, Деланж 3, Пржибилски 4, Руиз 6, Гарсија 2, Жилбер 2, Бонилаури 5, Јакобсен, Олсон 5.

Седмерци: 3/3, Исклучувања: 4 мин.