Вујо за разделбата со Загреб: Спортот е како сексот, мора секој следен пат да бидеш подобар

Веселин Вујовиќ од пред два дена не е тренер на Загреб. Лошите резултати на стартот во Лигата на шампионите, односно четирите порази по ред, како и неколкуте лоши партии во СЕХА лигата, придонесоа за заминувањето на најдобриот „ракометар“ на хрватскиот првак. Во хрватските медиуми, Вујо ги објаснува причините за разделбата.

„Сега сум опуштен, но веќе ме бараа од три клубови. Не сакам да продавам магла, но нема да бидам тренер никаде барем до СП во Франција. Но, еве се фатив сам себе дека лажам, можеби ако ме побара Барса, уште утре ќе бидам таму.“ – низ смеа вели Вујо.

„По ОИ јас бев тој што беше „сув“ и ми требаше енергија од играчите, која инаку јас им ја давам нив. Не ја добив, па дојдовме до мртва точка. Сепак знам дека љубовта што ја чувствуваме едни кон други не престанува со моето заминување од Загреб. Ќе се вратам кога-тогаш. Нема да бидам на два фронта повеќе. Кога човек има две жени, некаде мора да киксне. Во спортот е исто како во сексот, секој следен „настап“ мора да биде ист или подобар, инаку нема простување.“ – заврши Вујовиќ.