Вујо го менува составот: Поштеда за Мацковшек и Гребенц во ЕХФ-неделата

Селекторот на Словенија,Веселин Вујовиќ мора да го менува тимот за дуелите против Хрватска во ЕХФ-неделата бидејќи дел од играчите не се подготвени за да одговорат на потребите за подготовките и контролните средби. Тој мораше да се откаже од услугите на Борут Мацковшек, кој беше еден од најдобрите на Мундијалот во јануари. Покрај тоа ќе го нема и Јан Гребенц, па составот претрпи измени.

Словенија, која е противник на Македонија на Европското првенство ќе има два контролни дуели против домаќинот на шампионатот. Затоа, Вујовиќ одлучи да повика двајца нови ракометари. Во составот се вклучени Грегор Поточник од Горење и Грега Оклешан од Крка.

Ова ќе биде секако интересна недела која ќе биде следена и од Македонија бидејќи тука ќе се види дел од она што Вујо го подготвува и го планира за Европското првенство. Првиот меч меѓу Словенија и Хрватска се игра на 26 октомври во Стожице во 18 часот, а вториот два дена подоцна во Загреб од 20:45 часот.