Вујовиќ: Ќе сториме се да и го загорчиме животот на Барселона!

Во четврток екипата на ППД Загреб го игра првиот четвртфинален дуел и еден од најважните оваа сезона против фаворизираната Барселона, натпревар кој треба да го даде прашањето дали ППД Загреб е кадарен да се спротистави на каталонската машинерија. Натпреварот се игра на 9.април (четврток) во Арена Загреб,а почетокот е закажан за 20 часот и 10 минути. Пред најавениот спектакл ППД Загреб одржа прес-конференција на која своите очекувања ги истакнаа тренерот Веселин Вујовиќ и капитенот Златко Хорват.

ВЕСЕЛИН ВУЈОВИЌ (ТРЕНЕР, ППД ЗАГРЕБ):

Ние сме амбициозни, но не сме болно амбициозни. Знаеме со каков квалитет располага еден гигант како што е Барселона. Ги респректираме максимално, но не им се плашиме. Досега од никого не сме се плашеле, и од никого немаме изгубено на домашен терен, па нема причина така да не размислуваме и против Барселона. Станува збор за одличен тим кој е составен да биде шампион на Европа. Но тоа е така наназад неколку години. Минатата година се лизнаа иако мислеа дека ќе бидат шампиони, а и оваа година одат кон исполнување на таа цел. Ние ќе сториме се да им го загорчиме животот.

Би сакал да одиграме најдобро што можеме, и да видиме дали можеме да се носиме со таква екипа. Ние сме на два чекора од остварувањето на нашиот сон и пласман во Келн. Првиот е во четврток во Арена Загреб, а вториот за десет дена во Палау Блауграна. Тоа се два големи чекори, голема лекција.

ЗЛАТКО ХОРВАТ (КАПИТЕН, ППД ЗАГРЕБ):

Позади нас е тежок период во кој одигравме четири натпревари во осум дена. Минатата недела успеавме добро да се одмориме, работевме напорно и подготвени ја дочекуваме Барселона. Знаеме дека ќе играме со врвна екипа на која сакаме да и го загорчиме животот. Се надевам дека ќе успееме во тоа. Знам дека ќе дадеме се од себе да ги елиминираме.