Вујовиќ: Ќе се трудиме овој натпревар да биде трета среќа!

Легендарниот Веселин Вујовиќ, на денешната прес-конференција потенцираше дека задоволството од избореното четвртфинале во Лигата на шампионите не смее да влијае на играта на Загреб на овој турнир. Популарниот „Вујо“ се осврна и на натпреварот со Барселона, а го опиша со еден збор кој значеше дека дрскиот ППД Загреб не се плаши да го земе скалпот на нов гигант по ПСЖ и Кил.

Веселин Вујовиќ, тренер на екипата на ППД Загреб:
-Драго ми е што има толку голем интерес за овој турнир, посебно сакам да ги поздравам новинарите од Македонија кои се дојдени во голем број. Ние со пласманот во последните осум од Лигата на шампиони бевме приморани да игравме еден вид мини плеј-оф, пред оваа завршница. Татран досега не порази два пати, имаат добри и квалитетни ракометари. Ќе се трудиме овој натпревар да биде трета среќа иако сме малку уморни бидејќи вчера се вративме од Колдинг, но тоа не смее да биде оправдување. Се радувам дека СЕХА лигата повторно е одлично организиран и едвај чекам да го одиграме првиот натпревар.