Вујовиќ: Ракометарите немаат пари за сок и чоколадо, а не пак за кирија!

Откако стана јасно дека Веселин Вујовиќ нема да го води српскиот вицепрвак Железничар од Ниш до крајот на сезоната, поранешниот стратег на Вардар се огласи во јавноста.

„Хронична беспарица девет месеци, долгови кон играчите, кон тренерите. Не ги добив моите пари, а му позајмував на клубот и на играчите. Не сакав да ја отворам таа тема, но ние не постоиме како клуб. Ние сме група граѓани. Немаме претседател, немаме управа, немаме спонзор, немаме ништо. Деградиран сум како човек и како тренер. Договоривме неколку работи, а потоа се наоѓам во ситуација во 22 вечерта да не знам дали ќе имам автобус наредниот ден. Ракометарите немаат пари за сок или чоколада на паузите за време на патувањата, а да не зборуваме пак за кирија. Како јас да ги мотивирам играчите да се борат на терен, да гинат на тренинзите или на натпреварите, ако тој ден не јаделе или стравуваат дека ќе останат без стан? “, вели Вујовиќ.

Железничар веќе има два порази во разигрувањето за титулата во Србија, па тешко е за верување дека ќе може да се вмеша во борбата за врвот со Војводина.